Опозициските партии веќе нема да обезбедуваат кворум


Опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива се противат на какво било онлајн-работење на Собранието посочувајќи дека на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа ќе се прекрши член од Уставот.



Координаторите на пратеничките групи на опозициските партии денеска не присуствувале на редовната координација со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Една од причините за тоа, како што наведуваат, е, меѓу другото, ставањето на дневен ред на дополнувањата на Деловникот на Собранието – без договор со опозицијата – по скратена постапка, кој предвидува вклучување на далечина на пратеници со ковид-19 и во самоизолација.

Точката е ставена на дневен ред на седницата што Џафери ја закажа за в четврток, 26 ноември.

Но, според најавите, се доведува во прашање и понатамошното учеството на опозициските пратеници на координативните средби и на пленарните седници, дознава 360 степени.

Координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, за МИА најави дека тие ќе присуствуваат само на седници со точки на дневен ред за кои ќе проценат дека се од интерес за граѓаните, а не во интерес на политичките партии од власта.