Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери го стави на гласање предлогот да се одржи 36-тата седница во чии точки на дневен ред се и законите за економската помош и за него гласаа 53 пратеници, опозицијата ова го оцени како „шверцерско подметнување“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бурно реагираше, сметајќи дека ќе нема право да поставува прашања.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претходно одржа прес-конференција на која порача владеачката коалиција да закаже пленарна седница за да се изгласа само петтиот сет мерки.
Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата, а СДСМ на кому му е потребен кворум, ги повика да се вратат назад за да се изгласаат законите од петтиот пакет мерки за економска помош.
„Нема да успеете да ја замолчите опозицијата, имаше многу скандали изминатата недела, затоа сакаме да прашуваме пред јавноста. Зошто го правите овој циркус во Собранието? Зошто не го прифаќате нашиот предлог? Врз основа на што вие повикувате да не се одржи седница на пратенички прашања, туку 36-та седница? Дали сте свесни дека правите преседан, дека првпат се прекинува седница на пратенички прашања. Кога има ваква седница, никогаш не се закажува друга седница. Само прашувам дали сте свесни дека правите преседан кој првпат го правите во последните 30 години“, рече Мицевски.
Јован Митрески, координаторот на пратеничката група на СДСМ од говорницата искажа поддршка на Џафери за наместо седница за пратенички прашања, да се одржи 36-тата седница. Тој рече дека начинот не е насилнички, затоа што на фирмите и граѓаните им се потребни пари. Фактор






