Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја предупреди Европската унија дека е невозможно да се замени руската нафта во случај ако биде воведено целосно ембарго на овој енергенс, пренесе Ројтерс.
Сегашните и идните санкции против Русија би можеле да предизвикаат еден од најлошите шокови во испораките на нафта досега, и би било невозможно да се најде алтернатива за тие количини, предупредил Мохамад Баркиндо, генерален секретар на ОПЕК на состанокот вчера со претставници на ЕУ
Европската комисија (ЕК) подготвува предлози за можно ембарго на руската нафта, но се уште ништо не е договорено.
Сепак, можното ембарго на нафта зависи и од техничките детали за опсегот и времето на постепено воведување на таквиот потег, и од поддршката на 27-те земји-членки на ЕУ, чија енергетска зависност значително варира.
Ројтерс забележува дека има европски земји кои се целосно зависни од руската нафта, а Унгарија веќе предупреди дека нема да поддржи забрана за увоз на руска нафта.
Позицијата на Германија како најголема економија во ЕУ ќе биде клучна за донесување на какво било решение.







