Дилемите околу тоа како треба и како ќе се одвива наставата во новата училишна година не престануваат а се чини ни приближно не се знаат оние „ситни детали“ кои ќе се јавуваат во месеците што доаѓаат.
Засега, генерално, постојат две групи „за“ и против“ настава во училишта, но генералната поделба зборува за постоење разлики, но не и заеднички точки.
На социјалните мрежи, две групи, едната со членови поддржувачи на онлајн настава, наспроти онаа со поддржувачи на настава со физичко присуство, секојдневно, активно постираат нивни размислувања, идеи, предлози, пренесуваат случувања.
Колку се оддалечени една од друга говори статус што го сподели „Женски магазин“.
„В.И. е болничар со кого работам повеќе од 25 години. Обично е расположен секогаш за разговор во текот на долгите и напорни дежурства на Клиниката, но последново дежурство беше некако замислен и отсутен. Упорно го прашував што го мачи и тишти, за со тешка мака и доза на срам ми признае, дека го плаши новата учебна година.
-Докторе, имам три училишни деца, а само еден стар неупотреблив компјутер, а ќе ми требаат 3 лаптопи. Со мојата скромна плата од 17.000 денари како да купам три лаптопи, бидејќи сите тројца ќе имаат ONLINE настава во исто време.
Решивме со жена ми да земам кредит, бидејќи друго решение нема. Ама проблемите не завршуваат тука. Дома имам најефтин интернет, ама децава ми тврдат дека тој не бил доволен ниту за еден лаптоп и ќе се потрошел за десет дена. За брз интернет ми требаат 2.000 денари месечно. Ајде можеби и ќе скратам на јадење и ќе ги дадам, ама каде да најдам три посебни соби во кои секој ќе ја следи наставата. И да ги имав, џабе докторе, кога цела зима сите седиме во една соба која ја грееме со дрва…“






