Јавачот Лука Заложник, натурализиран Македонец со словенечко потекло е човекот кој му бил контакт на избеганиот Украинец со руски пасош Олександр Онишченко со македонската коњичка федерација. Заложник за „Слободен печат“ тврди, дека додека биле заедно со Онишченко во Шпанија, самиот милијардер му кажал дека сака македонско државјанство, зашто оценил дека така би имал најдобри шанси да освои медал на Олимпијада.
Според Заложник, уште еден Русин и уште еден човек од Белгија, чекаат да добијат македонски пасош за да може заеднички да настапуваат на Олимпијадата. Меѓутоа, Заложник вели дека е загрижен дека ваквите планови ќе наидат на пречки, поради актуелниот скандал со Онишченко и дека пасошите нема да се изготват, па и неговиот ангажман за Олимпијадата ќе пропадне и ќе мора индивидуално да се квалификува.
Тој во телефонскиот разговор со „Слободен печат“ додаде дека вчера во Дубаи каде што е тренер за Емиратите, се видел со Онишченко, кој таму бил на одмор.
-Го видов Онишченко вчера, во Дубаи. Таму е на одмор и мене ми се јави да се видиме бидејќи јас тренирам за Емирати. Сакаше да вложи пет до десет милиони евра во коњичкиот спорт во Македонија за коњи за Олимпијадата. Предложив уште еден Русин да добие државјанство за да биде со нас во тимот, но немаме време, до декември треба тој да добие државјанство, а со ова, се` ќе се одолговлечи. Ми зборуваше дека сака да купи фабрики во Македонија. Ми рече дека и Албанија му нудела пасош. Ова што се пишува во Македонија му пречи, најголем проблем е што и еден човек од Белгија и еден Русин чекаат на македонски пасош за да имаме цела екипа за Олимпијада и тоа мора да биде завршено до крај на декември. Така што, ми кажа дека е можно и да се повлече и да оди за друга екипа. Помоќен човек во овој спорт од него нема, ни рече Заложник.
Запрашан како дошло до идејата и кој предложил Онишченко да стане македонски државјанин, јавачот е дециден дека тоа го побарал самиот Онишченко. Заложник смета дека парите на Онишченко се многу важни за коњичкиот спорт и дека би било катастрофа Македонија да го изгуби олигархот од аспект на јавачките спортови. Но, политичката димензија на приказната, како и фактот што во повеќе институции и спортски федерации неговиот предлог поминал глатко, и покрај тоа што е на црната листа на САД за мешање во американските избори, а има и бекграунд на обвиненија за корупција во Украина како и медиумски приказни дека учествувал во ланец за проституција користен од синот на Муамер Гадафи, ги отвара прашањата кои лица биле инволвирани во спортскиот трансфер на Онишченко во Македонија и за кои цели.
Целио текст на следниот линк:





