„Омикронот“ се шири во Грција – потврдени 33 случаи

Претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција, Теоклис Заутис, соопшти дека досега се потврдени 33 случаи на варијантата „Омикрон“, од кои 18 се на островот Крит, а сомнителни се 98 сомнителни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.



Заразените имаат благи симптоми, само две лица биле хоспитализирани, но без да постојат компликации од вирусот.

Бранот на „Омикрон“ се очекува да ја погоди Грција во јануари, а властите вчера објавија пакет мерки пред Божиќ и новогодишната ноќ за да се спречат инфекциите, истовремено укажувајќи дека ќе има и дополнителни ограничувања на почетокот на 2022 година.

Од денеска, покривањето на лицето е задолжително во внатрешните и надворешните простори, додека KN95 или двојна маска ќе биде потребна во јавниот превоз и во супермаркетите.

Сите јавни настани и фестивали за време на празниците се откажани.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 1.056.583 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 20.198 лица.