Основното јавно обвинителство не отворило истрага за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски по допрен глас за случајот со тендерот на италијанската фирма Леонардо за М-НАВ, но соопштуваат дека будно следат и доколку утврдат елементи на кривично дело, ќе постапат според законските надлежности.
Во моментов, само Антикорупциската комисија ја истражува аферата во која е вклучен Рашковски. Од оваа институција, минатата недела исмено се обратиле до Владата и до М–НАВ,, за да им ја испратат целокупната документација поврзана со набавката, но се уште немаат добиено повратен одговор.
Од Антикорупциска најавија детална истрага за случајот со набавката на радарски систем за Контрола на летање, односно М-НАВ, каде што главниот фокус ќе биде улогата на владиниот функционер Рашковски и неговата улога во потпишувањето на договорот во вредност од 7 милиони евра со италијанската компанија „Леонардо“.Тие веќе ги побарале документите од М-НАВ за набавката. Комисијата ќе ги истражува и причините зошто договорот со компанијата Леонардо, е потпишан во 2018, две години откако фирмата е избрана да го изгради новиот радарски систем.
Досега беа објавени две аудио-снимки од кои може да се претпостави дека генералниот секретар на владата не смеел да преговара со италијанската фирма „Леонардо“ за купување на безбедносен систем, бидејќи тендерот не бил комплетиран.




