Основното јавно обвинителство Охрид, по допрен глас отворило предмет за смртта на 66 годишната стружанка, која почина од коронавирус.



„Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар  препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница.

Но, и покрај упатувањето, пациентката не е примена во болницата“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Обвинителството ќе преземе дејствија во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и за утврдување на фактите за евентуално постоење на кривична одговорност.​

Од Министерството за здравство најавија целосна ревизија на случајот за да се утврди дали имало лекарски пропуст.