Фудбалскиот клуб Вардар ги преживува најтешките мигови во својата 74-годишна историја. Најтрофејниот клуб во Македонија во најважната споредна работа на светот од следната зезона ќе игра во Втората македонска лига.
Кој не се чувствува себеси Македонец не може да ја разбере болката на „комитите“ и на стотиците илјади членови на црвено-црната армија навивачи на иконата на македонскиот спорт. Кој не висел на радио слушајќи го легендарниот коментатор Ивко Панговски или подоцна Зоран Јордановски покрај транзисторот или радиото во возило, бадијала ќе му се објаснува што претставуваше и што значи Вардар за сите што себеси се идентификуваат со Македонија и со најдоброто од Македонија на фудбалски план.
Вардар не е обичен клуб. Токму како што себеси се претставува една Барселона, на пример. Во годините и во децениите во рамките на Југославија тој беше своевидна репрезентација на Македонија. Старо, младо, машко и женско се радуваше на успесите и тагуваше по поразите на спортската и фудбалска институција од главниот град на македонската држава. Сè што вредеше на играчки план во најјужната југословенска република мораше да помине низ редовите на Вардар пред да си ја побара среќата некаде во странство.
Вардар со години во некогашната југословенска федерација беше страв и трепет на свој терен дури и за претендентите за највисок пласман. Шампион на СФР Југославија во сезоната 1986/87, освојувач на Купот на Југославија во 1961 година, 11 пати првак на Македонија и пет трофеи од националниот Куп. Прв македонски фудбалски клуб што заиграл во европските купови, прв и засега единствен што играл во групната фаза од Лига Европа.
Јаз’к на сите што придонесоа една таква величина за македонски и балкански услови да се најде на работ на егзистенцијата и да испадне во вториот ранг од натпреварувањето на земјата од дното на Европа по квалитетот на националното првенство. Ексик на сите што ја доведоа скопската и македонска гордост на работ на згаснување со недомаќинското управување со клубот-симбол на македонштината.
„Честитки“ и за сите што можеа, а не мрднаа ни со малиот прст за да не се дозволи такво понижување – најуспешниот македонски фудбалски колектив на сите времиња да испадне од Првата лига. А Македонија во Европа наесен да ја претставуваат Шкендија, Шкупи и Струга Трим Љум, кои можат само да сонуваат за славата на Вардар.
„Браво“ за сите што сега гледаат сеир додека исчезнува митот за клубот поради кој илјадници Македонци заиграа фудбал во црвено-црниот дрес и ја пронесоа (фудбалската) слава на Македонија низ сите напоредници и меридијани. Арам да им е на сите „силни“ бизнисмени што сите овие години не најдоа интерес да го финансираат клубот со чии подеми и падови пораснаа и остареа генерации Македонци и што дозволија Вардар да падне на ова дереџе.
Нека не берат гајле сите лажни душегрижници и доброчинители само на зборови – ќе се врати Вардар посилен како никогаш. Ќе застане повторно на нозе спортската и фудбалска гордост на Македонија. Ќе имаат одново причини за радост и за славење „комитите“.
Испаѓал Вардар од Првата лига и на Југославија, па се враќал и бил тврд орев за противниците во една од најсилните фудбалски лиги на стариот континент, па освојувал и трофеи. Нека ликуваат сите што не му мислат добро, но ниту елитната клупска конкуренција во државава ќе личи на нешто без него, ниту оваа мизерија ќе трае вечно.
Ќе огрее сонце и во скопскиот Градски парк. И одново „црвено-црните“ ќе жарат и палат. Тоа им го должат на Панчев, Савевски, Најдоски, Канатларовски, Јаневски, Грошев, Мутибариќ, Дончевски, Шулинчевски, Спасовски, Дојчиновски, Џина Симоновски, Пепи Георгиевски…
Нека се радуваат на вардаровата несреќа сите фудбалски џуџиња што се испилиле некни, а веќе се замислуваат во неговите чевли. Пак ќе се ори „ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“ на Националната арена. Со или без нив.
Вардар е душата на (фудбалска) Македонија. Токму затоа, нема да им направи услуга на сите што го мразат и него, и неа.






