Охридското угостителство бара сезонски работници на саем

Во насока на надминување на проблемот со недостиг на соодветен кадар во угостителската дејност во Охрид денеска беше отворен Саемот за сезонско вработување во туризмот, на кој сместувачките и угостителските објекти од Охридско-струшката ривиера пред младите од градот и околината ги презентираат своите понуди за работни места.



Претставниците на таквите правни субјекти посочуваат дека се соочуваат со недостиг од келнери, готвачи, помошници во кујна, рецепционери, технички персонал…Велат дека персонал тешко се наоѓа, а и оние кое се веќе вработени во индустријата се решаваат своите професионални капацитети да ги понудат на подобро платениот регионален пазар.

– Во овие моменти е многу тешко да се најде персонал. Знаеме сите што ни се случува во земјата со иселување на младите. Многу заминуваат во западно-европските земји, во Хрватска, каде работат неколку месеци, а имаат голем прилив на пари и им се вреднува работата. Недостигот од кадар е последица од минатите години, каде имало мали плати, луѓето беа незадоволни, работеа прекувремено неплатени часови. Тоа е најголемиот проблем што ни се случува и сега треба да работиме на тоа како истото да го подобриме, изјави Никола Божиноски, менаџер на хотел во Охрид.

Тој смета дека постои интерес кај младите да заработуваат самостојно, да не се зависни од родителите, да стекнат работни искуства, но оти за тие да најдат професионална сатисфакција, тука е потребна и соодветна грижа кај самите работодавци.

– Мораме да се грижиме за кадрите, ако се млади, неискусни да ги обучуваме во однос на потребите, да правиме реорганизации, обуки, за да останат луѓето тука.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека состојбата со недостигот на кадар во туристичко-угостителскиот сектор е рефлексија на тоа што се случувало низ годините и односот на самите работодавци кон човечките ресурси, и тоа не само во односната туристичка дејност.

– Отстуството соодветна старатегија низ годините и соодветни развојни планови ги даваат резултатите сега. Но, тоа што можеме сега да го градиме е како за наредните десет години да создадеме стручни кадри кои што во одредени сегменти на економијата ќе овозможат раст. Во туристичката индустрија велиме растот во дестинациите ќе биде успорен во зависност каков квалитет даваме, бидејќи услугата е многу значајна. Во овој момент треба да се изработат одредени студии. Очекувам тоа да го направат коморите, здруженијата коишто ќе понудат дополнителни решенија на Владата за заеднички натаму да се овозможи вистинско третирање на кадрите и соработка помеѓу бизнисот и средните стручни училишта, вели Јаневски.

Прочитај повеќе на следниот линк.