По препораките од УНЕСКО, Охрид продолжува со отстранување на бесправните градби кои го узурпираат охридското крајбрежјеи ќе ги ослободи плажите за туристите, посетителите, граѓаните на кои претходно им се наплаќаше паркинг, влез и лежалки, објави градоначалникот на општима Охрид, Константин Георгиески.
Според него, оваа пракса на градење бизниси на сметка на општината мора да се запре.
„Токму затоа во наредниот период започнуваме со интензивни активности за чистење на бреговите „Елешец“, Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата на „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.Општина Охрид повторно апелира дека во овој процес никој нема да биде поштеден. Воедно ги поканувам еколошките здруженија кои будно ги следат состојбите во Охрид да се вклучат во целиот процес и да помогнат околу уредувањето на плажите“, наведува градоначалникот.
Градоначалникот ги повика уште еднаш сопствениците со истечени договори за концесија на плажите самите да ги отстранат објектите, а сподели дека некои од фирмите оствариле и висок приход.
УНЕСКО вчера го објави целосниот извештај на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година. На 125 страници детално се посочуваат сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро.







