Охрид почна со уривање дивоградби

Со уривање на дивоизграден објект на ул. „Марко Несторовски“, општина Охрид денеска почна со акцијата за справување на дивоградбите.



За овој објект уште пред десетина дена беше издадена забрана за градење, а неколкумина градежни работници беа приведени. Иако беше поставена жолта лента и забрана за градба, градењето – продолжи.

Неофицијално, според извори на А1.Он, изведувач на градбите била фирмата „Неги Ик“ во сопшственост на советникот на општината Нефи Усеини.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, рече дека процесот на расчистување на дивоградбите ќе трае во наредниве година до две.

Според регистарот од општината, изготвен пред два месеца, повеќе од 1.000 дивоградби се регистрирани на територијата на цела општина, од кои 409 во заштитениот појас.

Наредниве денови би требало да започне уривање и на платформите на угостителските објекти покрај самото езеро, ако претходно тоа не го направат самите угостители.