Охрид нова летна дестинација за естонската авиокомпанија „Нордика“

Естонскиот национален авиопревозник „Нордика“ летово првпат ќе лета до и од Охрид, ставајќи го македонскиот туристички бисер меѓу своите три нови дестинации, покрај Копенхаген во Данска и Констанца во Романија.



„Насочени сме кон нашата трета летна сезона со чувство на сигурност“, изјави Јан Там, претседател на Управниот одбор на „Нордика“. „Со оглед на бројот на билети што ги продадовме, предвидуваме континуиран раст на бројот на патници. Јасно е дека патниците од Естонија сакаат нашите летни дестинации да им нудат загарантирано сонце“.

„Нордика“ се пофали дека превезла 125.000 патници во првиот квартал годинава, што е зголемување од 17 проценти во однос на истиот период минатата година. Компанијата делеше 25 отсто од пазарот на аеродромот во Талин во првите три месеца од годинава, 80 отсто од полетувањата ги има остварено со максимално задоцнување од 15 минути, а реализирала 97 отсто од закажаните летови.

Компанијата постои само две години, но брзо стана еден од најконкурентните авиопревозници во регионот, располагајќи со 19 авиони и вработувајќи повеќе од 400 лица во Естонија и во странство.