Градоначалникот на Општина Охрид очекува помош од државата за решавање на проблемот со дивоградбите и политичка одлука од централната власт за тоа.
Константин Георгиески вели дека Охрид и да сака, не може да се справи сам со проблемот, со само еден градежен инспектор и со недоволни средства.
„Мислите дека општината е способна да се справи со овој проблем? Со еден градежен инспектор и тендер од милион и пол денари за отстранување бесправно изградени објекти. Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите, кои што се години наназад извадени од колосек“, кажа Георгиески на вчерашната прес-конференција по враќањето од 43-тата сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан.
Уривањето на дивоградбите е една од 19-те препораки на УНЕСКО, а Општина Охрид изработи регистар со 409 бесправно изградени објекти, но Георгиески вели дека од таа бројка, според него, само десетина се големи објекти за рушење, а голем дел од останатите се скали, настрешници, огради и слично, пренесува порталот СакамДаКажам.





