Огромни плати и во Регулаторната комисија за домување, што работи таа?!

Огромни плати си земаат и вработените во Регулаторната комисија за домување, ама јавноста прашува што точно работи таа? Извештајот за работата на Регулаторната комисија за домување за втората половина од минатата година, или поточно за периодот од први јули до крајот месец декември 2023 година е пред собраниските пратеници. А во него се податоците за буџетот на оваа институција, со детален преглед за сумата која се троши за основни плати, за придонеси за социјално осигурување, но и останатите трошоци на комисијата. Од она што е наведено во извештајот, може да се види дека за цела година буџетот на ова тело само за плати на вработените изнесува 6.661.000 денари.



Ако се има предвид дека комисијата има еден претседател и четворица членови, вклучително и двајца вработени, губите пресметки велат дека нивните месечни приливи достигнуваат скоро 80 илјади денари. Или поточно, секој од нив месечно би добивал по 79.297 денари на својата сметка. Сепак, поради систематизација на работните места, платите не се исти секаде, очекувано е дека некој, меѓу кои и претседателот на комисијата има повисоки примања, додека членовите или вработените имаат помали плати.

Споменатата сума од над 6 милиони денари е само за исплата на нето плати, додека за придонеси за социјално осигурување биле планирани 2.465.000 денари за минатата година.

–  Согласно Правилникот за систематизација на работните места во Регулаторна комисија за домување е предвидено да бидат вработени девет административни службеници и едно помошно – техничко лице. Во овој момент од вкупно вработени две лица, еден од вработените во Регулаторна комисија за домување имаат статус на административен службеник, а едно лице е со статус помошно – техничко лице. Во текот на втората половина од 2023 година, еден административен службеник исполни услови за остварување на право на пензија, а што претставува допонително отежнување на извршување на административните обврски во Комисијата. Претседателот на Регулаторната комисија за домување достави Корегиран Предлог – Годишен план за вработувања на административни службеници во Регулаторна комисија за домување за давање на согласност, со образложенија за итна потреба од позитивно мислење до Министерство за финансии. Комисијата доби позитивно мислење за вработување на еден административен службеник за кое беше објавен оглас за вработување преку Агенција за администрација – се појаснува во извештајот доставен во Собрание.

Инаку претседател на Регулаторна комисија за домување е Зоран Маџовски, додека членови на оваа комисија се Башким Алили, Сеад Личина, Кемал Камили и Љупчо Довичински.

Регулаторната комисија за домување треба да се грижи за квалитетно задоволување на станбените потреби на населението, согласно со современите стандарди за квалитетен живот, заштита на животната средина и природата. Оваа комисија врши категоризација на станови и станбени згради, а и ги издава, продолжува и одзема лиценците за управител за вршење на дејностите на управување со станбените згради и води регистер на управители на станбени згради, а има и други наделжности.