„Денеска е 11 Октомври, државен празник во Македонија – Ден на востанието за време на Втората светска војна. Но, историските факти велат дека тогашните Македонци ги пречекувале Бугарите со цвеќе и низ Источна Македонија немало ниеден, ама баш ниеден судир со Бугарите, или формален отпор кон нив. Разумно за тоа време, бидејќи бугарските фашисти беа ослободители на Македонците од геноцидната српска власт, исто како што и Албанците ги пречекаа италијанските фашисти во своите територии.“ – тврди Арбен Раткоцери, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Коха“ во објавата на својот фејсбук-профил. Неа ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА под наслов „Независноста на Македонија и албанскиот отпор“..
Раткоцери пишува: „Некаков отпор од Македонците имаше само во западниот дел, каде што живеат Албанците – област што беше под албанска администрација и под италијанска окупација, дури и Комунстичката партија на Македонија беше основана во Тетово.“
„До 1943 година Комунистичката партија на Македонија како предводник на војната беше во рамките на Комунистичката партија на Бугарија. Во меѓувреме се прави „пуч“ од македонските просрпски елементи на чело со Лазар Колишевски, со што се одвојува македонската Комунистичка партија од бугарската Комунистичка партија и се приклучува на Српската (југословенска) комунистичка партија.“
„Токму по овој ‘пуч’ од 40-тите години, што се случи за време на Втората светска војна, поттикнат и спонзориран од Србите, во Македонија се инсталираа антиалбанизмот и антибугаризмот, кои продолжуваат и денес во еден дел од македонските институции и македонското општество!“
Огромна провокација кон македонскиот народ претставуваат ваквите ставови на Раткоцери, нималку случајно објавени токму на 11 октомври, Денот на востанието на македонскиот народ против бугарскиот и германскиот фашистички окупатор, како и против албанските балисти и сите домашни соработници на окупаторите на Македонија во Втората светска војна.
Означувајќи го бугарскиот фашистички окупатор како „ослободител на македонскиот народ во Втората светска војна“ Раткоцери, како влијателен новинар, се наредува на иста идеолошка линија како денешна официјална Софија, која по секоја цена настојува да го избрише темното петно од тој дел на официјалната историја на бугарската држава и да ги прикаже Бугарите како „ослободители“ и „администратори“ на окупираната македонска територија, а не како она што и биле – окупатори, потврдено со сите историски факти и докази.





