„Огнените“ обвинуваат: Али Ахмети владее со декрети

„Огнената“ фракција во ДУИ, од која дел се Изет Меџити и Висар Ганиу, упати предупредување до Мала Речица дека во ДУИ работите се решаваат со одлуки на лидерот.



Тие тврдат дека нема демократија во оваа партија, по обвинувањата од раководството дека клеветат во време на внатрепартиски избори кои се најдемократски по принципот еден член еден глас, а огнените реплицираат дека сите работи во ДУИ се решаваат со одлуки на лидерот.

„Повторуваме дека принципот еден член-еден глас е нестатутарен, односно го гази статутот на партијата со две нозе. И за иронија на целава оваа ситуација каде што секојдневно се труби за демократијата и демократските вредности, во реалноста гледаме дека претседателите на ограноците априори ги одредува претседателот Али Ахмети со декрет.

Централната изборна комисија на ДУИ нема кворум, бидејќи од 7 членови, 4 не учествуваат во нејзината работа“, обвинуваат „огнените“.

Од овој процес е игнориран Блерим Беџети, кој е организациски секретар на партијата, додаваат од фракцијата нагласувајќи дека функциите на нивни членови се важечки.

Според нив, ваквиот пристап кон внатрешните избори во партијата, но и вчерашното соопштение од ДУИ, може да има епилог како во кумановскиот огранок со „убиен, ранет и затворен“.