Најмалку 24 лица загинаа во пожарите што избувнаа на грчкиот полуостров Атика, но се стравува дека бројот на жртвите е над 50, меѓу кои и деца судејќи според пријавата на исчезнати лица, јавуваат грчки медиуми.
Загинатите се пронајдени во областа помеѓу Рафина и Неа Макри, особено во Мати и Кокино Лиманаки, каде што луѓето биле заробени од пламените јазици во своите домови или автомобили или во обид да избегаат од морето, но се удавиле.
Според информациите, бројот на повредените се зголемил на 150…
„Други 26 јагленисани тела беа пронајдени во Аргира Акти, Мати, во близина на Неа Макри“, изјави градоначалникот Евангелос Бурнус, во вторникот во АНА-ПМА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Димитрис Ѕанакопулос, кусо пред 3 часот утрово, соопшти дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“.
„Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца“, рече Ѕанакопулос.
Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат.
Според заменикот министер за поморство, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила 72 лица.
Околу 1 часот по полноќ во Атина влезе и последниот автобус со евакуираните 621 деца од летните кампови во организација на општина Атина.
Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина.
Кусо пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.
https://youtu.be/u1o26ss2e8g




