Во најлош момент за узурпаторите на власта во Македонија чергичето им го запали Ламбе Алабаковски со обработката на безвременскиот мегахит „Оган да го гори“ на бардот на македонскиот (патриотски) мелос Гоце Николовски. Огромниот интерес на Јутјуб за првата нумера од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ недвосмислено потврдува дека не можеше да биде избран полош тајминг за силувачите на волјата на македонскиот народ.



Во екот на со ништо непоткрепената надеж на Се-Де-Се-то, на ДУИ-нг бизнис и на коалиционерите од Владата за пропаст на тоа што остана од Македонија дека ќе го променат Уставот наспроти отпорот на 80 проценти Македонци се најде Ламбе да им пркоси. Со својот ангелски глас да ја разбуди подзамрената страст на сонародниците кон ова парче балканска земја што ќе го носат во срцето до крајот на светот и векот. Да ја пробуди љубовта кон родната грутка, кон оставштината од дедо-прадедо, кон најубавата земја под сводот небесен.

Не, не им се погоди овој народ кој никако да заигра по нивните ноти. Никако да му објаснат дека вселенска глупост е да му се суди на адвокатот што го подметна грбот за истакнатото национално македонско знаме со Сонцето од Кутлеш во Охрид. Како, бе, мислат да им забранат на луѓето да го слават симболот на древномакедонското кралство на најголемиот војсководец во историјата, на кој се повикаа хероите од македонското (кресненско) востание? Не залудно во Правилата на востанието тие напишаа: „Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите македонски ние служиме, како македонска војска на Александар Македонски, за слободата со нашата девиза: ‘Слобода или смрт!’“. 

Заборавија ли одродениве дека шеснаесеткраката ѕвезда најдена во Егејска Македонија беше официјално знаме на Република Македонија, под кое се постројуваше македонската гарда, под кое настапуваа македонските спортисти на сите меридијани? Им кажува ли нешто веењето на тоа знаме од матурантите низ Македонија, на свадбите на Македонците, на натпреварите на македонските репрезентации?

Го забрануваат Сонцето од Кутлеш, а немаат проблем со двоглавите орли што самостојно се вејат на речиси секоја бандера низ западниот дел на Македонија, без ни трага ни глас од државното знаме, камоли да биде поголемо и истакнато над албанското, како што налага законот?! А, бе, свесни ли се дека нема таква сила што може да ги принуди Македонците да се откажат од симболот со кој се идентификуваат, како нивно основно граѓанско и национално право? До толку плиткоумни не ќе да се.

Мнозинскиот народ во Македонија им го собира уште од пропаднатиот референдум за промена на државното име, кога со масовниот бојкот јасно и гласно им стави на знаење дека не прифаќа никакви додавки, а тие мртви-ладни ја прегазија волјата на суверенот и постапија како што им ветиле на налогодавачите однадвор. Само за да бидат на власт и да ги (до)раскрчмат/присвојат државните ресурси, ги игнорираа и протестите за т.н. француски предлог, а сега бараат да го споделат претешкиот товар со некој друг, кој не го ни прашаа дали да го прифатат.

„Оган да ги гори“ сите вакви а(нти)национални креатури и нивните пајташи без грам почит кон тоа што им значи на сограѓаните Македонци, а кои мислат дека се вечни додека се прават дека не знаат оти никому не горела до зората. Или, како што ненадминливо отпеа Гоце, а маестрално препеа Ламбе, „оган да го гори тој што ќе ми збори да те оставам, оган да го гори тој што ќе ми збори да заборавам, Македонијо“…