Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат
На 18-годишнииот возач кој на 7 април ја прегази Верица Белчовска на пешачки премин во Струмица, му е одземен пасошот како мерка за претпазливост дека нема да ја напушти државата, дознава Слободен печат од Основното јавно обвинителство.
„До несреќата дошло кога автомобил нисан удрил во пешак кој преминувал на пешачки премин, по што возачот го напуштил местото на несреќата. Јавниот обвинител веднаш по несреќата издаде наредба за обезбедување на сите докази и траги на лице место и даде насоки за откривање на сторителот. Подоцна истиот ден, возачот на автомобилот, на возраст од 18 години, самиот се пријавил во полициска станица.
Против него е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од кривичниот законик. По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Струмица за осомничениот определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и тој веќе даде свој исказ пред јавниот обвинител во кој не негира дека го сторил делото”, информираат од обвинителството за „Слободен печат“.
По смртта на Верица, нејзините органи беа донирани и трансплантирани.








