На нас Македонците кои долго дремеме прегрнати со сопствената немоќ, одамна ни е јасно дека ако сакаме да опстанеме како нација во својата Македонија и да се чувствуваме слободни и горди во сопствената самобитност, не потребен, туку, неопходен ни е и тоа СЕГА, по компактен и политички поцврст национален склоп, и национална свест. Сегашната разлеана и тоа на секнување состојба на свеста, залежана внатре во срцевината на македонската национална кауза, ја поддржуваат и користат за дневнополитички, а најповеќе за долгорочни планирани геостратешки интереси, странските сили, кои, со планирани политички поместувања изразени како контрола и по потреба производство на конфликти, имаат турено рака врз Македонија. Ваквата состојба, со јасна цел ја користат и сите комшиски држави, сѐ повидно и погласно, горделиво и отворено манифестирајќи ги дури од нашата територија своите профашистички претензии, со игнорирање и присвојување на нашата национална самобитност и самоопределба, кое нешто од страна на актуелната власт со евтина демагогија свесно се толерира, а на тој начин и поддржува.
Како да веќе не ни е важно дека токму нашиот идентитет е срцевината на македонската национална опстојба. Како да свесно запоставивме дека раздробеноста на социјалното ткиво води кон планираната разградба на државата, посебно со создавање и поддршка на партии – нации и партии – етноси, кои си обезбедија политичко тло за дестабилизација на организационата поставеност на државата и овозможување на отворена манипулација од надвор.
За нас како да стана срамно и антидржавно да ја поистоветуваме сопствената македонска нација со сопствената македонска држава. Како да ние, само ние на Балканот не треба – немаме духовна и правна потреба од национална држава, па се трудиме тешко извојуваната и добиена АСНОМ-ска Македонија, што побрзо и на брутален начин со одобрување и наше странично подривање, да ја изгубиме. Зар веќе не ни треба? Зар ништо не ни значи фактот што сите наши комшии се воскреваат, придавајќи посебна важност на самобитноста, потенцирајќи нераскинлива врска на држава со нацијата. Незамисливо е еднаш создадена држава Македонија, понатаму да не ја гради националната свест и тоа намерно, во корист на туѓи агенди, а се разбира на штета на својата. Тоа го манифестира синдромот на недораснатоста на нас Македонците кои сами ја демакедонизираме Македонија со отворено сугерирање од актуелната власт за некаква мултинационалност, и мултиконфесионалност како (ре)конститутивни државотворни елементи, која состојба сега е политичка мода со скриена а веќе јавна нагласка да се разводни и уништи македонската нација во државата која планирано се претвора во сечија, со фактички состојби какви што одговараат на другите, но се погубни за Македонците и државата Македонија.
Оваа денес актуелна антимакедонска политичка состојба изрежирана од надвор, а спроведувана од актуелната домашна профашистичка власт под буден странски надзор, е со тенденција да се одвои македонската држава од македонската нација и како поим да се избрише животворниот дух на Македонецот, за да не постои. Не се работи само за игнорирање на нас како народ, кое има за последица бришење на името и опстојбата не само на нацијата, туку и на државата Македонија, туку, тоа е чин со кој нескриено го манифестираме нашиот поданички менталитет, во основа малограѓански, со што пропуштаме преку нацијата како најзначаен политички фактор демократски да се самоизградуваме и просперираме. Место напредок, го регенерираме синдромот на експериментирање со самите себе, по прифатени туѓи погубни сугестии и насоки.
Денес во Македонија додека се брише македонскиот јазик и македонскиот народ од картата на светските народи, се продуцира нов конститутивен народ, односно народи, функционирајќи како конгломерат на колективитети кои веќе се промовираа како конституенс во државата. Со тоа забрзано пробива и успева туѓата цел да се асимилираат и збришат Македонците од сите простори на Балканот, почнувајќи од матичната држава. Тука е нашиот допринос во заостанувањето и запоставувањето на сопственото државотворно и политичко самоконститутирање и надградување, политички чин, непоходен во историскиот процес на самоосвестување, кој во моментов насушно ни недостасува. Не се почитуваме самите, затоа никој од надвор не нѐ почитува како нација која знае која е и што ѝ е целта, па кој посака и може, јавно ни манифестира политичка сила со цел да завладее со нас ментално и просторно. Од власта, нема никакви реакции. Сѐ што доаѓа како наметнато од внатре или од надвор, како да е добредојдено.
Целата колумна на Јагнула Куновска за Плусинфо на следниот линк:





