Одмрзнаа цените, а од 1 јули и маржите – Ќе јадеме ли скапа храна од викендов?!

Трошоците растат, сметките стануваат се повисоки, а граѓаните и натаму се „дават“ во долгови. Во пресрет на новото одмрзнување на цените на производите, камерата на Алфа забележа поскапување, наместо поевтинување на некои артикли. Зголемена е цената на урдата за 5 до 10 денари во зависност од производителот, а има поскапување и на некои видови сирење. Можната нагорна корекција на цените претстојниот викенд, поради одмрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, повторно ги врати стравувањата на граѓаните дека трговците ќе се обидат да профитираат врз нивниот грб. Синидкатите се на страната на работниците, велат дека со овие плати не може да се преживее.



Чудно е како е можно многу производи од македонските компании да бидат поскапи дома, отколку во странство, додаваат синдикатите, кои постојано бараат повисоки плати, за достоинствен живот на работникот. Реагираат дека трошоците за живот пораснале за неколку пати, што значи дека денес платата ни вреди помалку за разлика од лани.

Од Министерството за економија велат дека ги следат случувањата на пазарот и берзите и ако требало ќе донеселе нова одлука. Инаку, Владата кон крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Одлуката ги опфаќаше белиот леб, шеќерот, маслото за јадење, брашното, тестенините, млекото, јајцата, сирењето, јогуртот.

И додека кај нас пак, високите цени на храната и енергенсите силно удираат по џебот на граѓаните, нема стратегија за колку толку да се ублажи ценовниот шок. Па така, земјава и натаму останува меѓу лидерите по сиромаштија која од ден во ден, тоне се повеќе и повеќе.