Судењето за случајот „Софтвери” против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се осомничени за нелегалната набавка на софтвер се одложува за 14 март поради отсуство на јавниот обвинител.



На почетокот на денешното рочиште, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска информираше дека добила барање за одложување на денешното рочиште од Основното јавно обвинителство со известување дека јавниот обвинител што треба да го застапува предметот има договорена работна средба надвор од државата.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.

На почетокот на овој месец Советот на Апелацискиот суд Скопје, ја уважи жалбата на првообвинетиот во случајот Драги Рашковски и му ја укина мерката куќен притвор.

Во одлуката на скопска апелација се вели и дека се прифаќа понудената гаранција од страна на обвинетиот Рашковски, во вкупен износ од 192.980,00 евра, што се состои од ставање хипотека на недвижен имот.