„Балканскиот политички форум денеска на 20 мај 2022 година во Бањите Цапа во Дебар организира свеченост на доделување медали и сертификати за чест на одделни личности за нивниот придонес во учествувањето и организирањето на оружениот отпор на Балканот, како и за нивниот придонес кон мирот и безбедноста на Балканот. Одликување и таков сертификат му беа доделени и на генералот Гзим Острени како еден од водачите на оружениот отпор на УЧК во 2001 година во с.Македонија, како и за неговиот важен придонес за мирот.“ – објави информативниот портал „Алмакос“.
„Алмакос“ пишува: „Тоа му беше доделено и на Ваит Ајро како припадник на оружениот отпор на УЧК во 2001 година, исто така и за неговиот придонес кон мирот во регионот на Балканот и пошироко. На денешната свеченост присуствуваше и претседателот на Балканскиот политички форум Гури Пеја, претседателот на општина Дебар Хекуран Дука и други личности. На церемонијата се расправаше за важниот придонес, што го дадоа личностите, одликувани по тој повод, нагласувајќи ја потребата за соработка на планот на безбедноста на регионот и пошироко, како и за заштита на човековите права, за рамноправност и правда во заедницата.“
Инаку, згаснатиот дневен лист „Дневник“ во своја информација со наслов „Терористичките водачи ќе одговараат за злосторства против човештвото“, објавена на 27.7.2001 година, покрај другото, го имаше објавено и следново: „МВР поднесе до скопското Основно јавно обвинителство кривични пријави против 11 лидери на ОНА, меѓу кои и Али Ахмети и Гзим Острени…, меѓу кои и двајца од Косово, како осомничени за дела против човештвото и меѓународното право, против државата. ‘Осомничените, како идејни и воени водачи, ја создале злосторничката терористичка ОНА, за да ја остварат својата платформа за федерализација и отцепување дел од територијата на Македонија. Затскриени зад наводната борба за поголеми права на припадниците на Албанците во Македонија, тие работат на создавање на ‘Голема Албанија’. – наведе МВР во своето соопштение. Како резултат на нивните оружени дејства беа убиени и ранети поголем број припадници на македонските безбедносни сили. Со примена на сила и оружје, палејќи куќи и убивајќи, го принудуваа македонското население да ги напушти своите домови, односно вршеа етничко чистење на територијата.“





