Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“ денеска во државата со повеќе свечености ќе биде одбележан на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.



Согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести свеченостите во организација на Владата се одвиваат без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи – обезбедена дистанца и заштита.

Организираното востание на народот во Македонија против фашистичкиот окупатор започна вечерта на 11 октомври 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во градот. Следниот ден со вооружена акција се огласи и Кумановскиот партизански одред.

Со борбата за слобода и независна држава во Втората светска војна Македонија се вброи во земјите на антифашистичката коалиција која го порази фашизмот. Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана војска која броше околу 110 илјади војници со воени формации од виок ранг како корпуси и дивизии.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.