Одбележана 21-година од нападот на полициската станица во Теарце, Тетовско, и загинувањето на Момир Стојановски

„Одборот на бранители денеска во тетовското село Теарце организираше одбележување на 21-вата годишнина од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) при напад со ракетен фрлач врз полициската станица на 22.јануари 2001 година, што се смета како почеток на оружениот конфликт на Македонија во таа година. Тогаш при нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а со полесни повреди здобија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.“ – објави информативниот портал на македонски јазик „Тетовоинфо“.

„Тетовоинфо“ пишува: „Државата не направила ништо за овие 21 години. Очекувавме дека институциите ќе се смилуваат и, ако ништо друго, оти ќе се постави барем едно спомен – обележје за Момир Стојановски. Тоа не го доживеавме до денес. За таа цел Одборот на бранители во скромен состав со една делегација денес дојде да положи цвеќе и на тој начин да му оддаде почит на Момир Стојановски. Ако некој мисли дека ќе ги избрише бранителите, нема да може: тие се уште живи, ќе се бориме до нашата смрт.’ – рече Марин Најдов од Одборот на бранители.“

Инаку, поврзано со овој настан, кој го означи почетокот на оружениот конфликт во Македонија во 2001 година, во својата статија со наслов „Општествено – политичките случувања кај Албанците во периодот 1990 – 2001: појавата на УЧК како воена формација во поранешната југословенска република Македонија (ПЈРМ)“ објавена на сопствената блог-страница, историчарот д-р Зеќирја Реџепи, професор на државниот Универзитет во Тетово, ги анализираше и првичните стремежи на Албанците „да бидат признати како државотворен народ и да постигнат национално ослободување од славомакедонскиот окупатор“: „Ослободителната национална армија (УЧК) за првпат се појави во јавноста на 10 јануари 1998 година, со соопштение со кое беше преземена одговорноста за три акции, што се случија од декември 1997 до јануари 1998 година. Оваа воена организација ја презеде одговорноста и за акцијата против полицијата во Арачиново во јануари 1999. Тогаш УЧК се огласи со соопштение, во кое порача: ‘Беше побарана измена на Уставот, за да имаат и Албанците еднакви права и за да бидат признати како државотворен фактор. Гледајќи дека тоа не е можно да се постигне со политички средства, го избравме оружениот отпор.“



„На 22.јануари 2001 УЧК го изведе и нападот врз полициската станица во Теарце, покрај патот Тетово – Јажинце. По оваа акција Генералштабот на УЧК објави ново соопштение, во кое наведе: ‘Наша специјална единица ја нападна славомакедонската полиција со автоматско оружје и со ракети. Нападот беше ограничен и и предупредувачки за македонските окупатори и нивните албаноговорни соработници. Ќе се напаѓа врз униформата на македонскиот окупатор се додека не се ослободи албанскиот народ.“ Но, уследија критики од меѓународниот фактор, од НАТО и од претседателот на САД Џорџ Буш, кои многу остро ги осудија појавата на УЧК и избувнувањето на оруженото востание. Исто така, и официјална Албанија и Косово се огласија со критики. Поради тоа, откако ситуацијата ескалираше, во својата генерална платформа УЧК ја редуцираше ‘војната за национално ослободување на Албанците’ во ‘војна за зачувување на територијалната целост и војна за етничка рамноправност.“ – напиша проф.д-р Зеќирја Реџепи.