Од Вардар до Каракас – пишува Јован Алтанџиев

Ситуацијата со вирусот КОВИД-19, покрај здравствените аспекти развива и сопствени политички и дипломатски последици. Генерално, односите меѓу државите се движат во две брзини.



Едниот процес е затворањето на границите, повлекувањето на државите “внатре во себе”, јакнење на националниот и суверенистички концепт за кој некој ќе рече ги оттуѓува државите една од друга.

Другиот процес е токму ефектот кој делумно ги урива тие тези за дезинтеграција, а тоа е јакнењето на билатералните односи меѓу земјите. Сведоци сме како кризата ги бледнее разликите и вештачките ѕидови, дури и кај најголемите “непријатели”.

Најдобро тоа се илустрира преку итната, иако симболична помош од Русија за САД, како и воспоставениот дијалог меѓу Претседателот на НР Кина, Кси Џинпинг и Претседателот на САД, Доналд Трамп. Секако има и поинакви и не толку позитивни примери. Сепак, особено се бројни примерите за солидарност кон помалите и поранливите и погодени земји од кризата.

Кина како земја која прва беше погодена и ја надмина епидемијата со Ковид-19, голем дел од своите искуства и помош споделува кон Европа, но и Африка. На тој начин, преку т.н. “мека моќ” Кина ги јакне темелите на нејзиниот modus vivendi отсликан преку инцијативата Еден појас-Еден пат.

Вакуумот оставен од институциите на ЕУ преку бавната реакција и бирократијата за надминување на кризата, како здравствена така и економска, е повеќе од јасен. Впрочем, пред некој ден и Урсула Ван дер Лејен, Претседателката на Европската Комисија се извини на Италија и останатите потешко погодени земји за слабата и пред се ненавремена реакција.

Само тука, кај нас, некои може да не убедуваат во спротивното. После консолидацијата во рамки на структурите на ЕУ, соочени со недостатокот на брза солидарност, се обезбедија и идни средства за медицинска помош, како и пакет за економско закрепнување, вклучително и за Македонија. Кон асистенцијата се приклучи и САД.

Но, да гледаме на светлата страна. Таа вика дека од ваква криза може да се извлече поука, а сојузништвото меѓу државите и народите на европскиот континент да зајакне. Уште повеќе, глобалистичките идеи и она што некогаш се сметаше за утопија може да отскокнат како на трамболина после завршетокот на кризата. Единствено е јасно, дека никој во ништо не може да биде сигурен, а ситуацијата нема да остане статус кво. Затоа, промените мора да ги дочекаме будни.

Секако, сојузништвото нема да зајакне онаму каде што владее силата на уцената, како во примерот на некои од нашите соседи. После донесувањето на одлуката за почеток на преговорите, кога и да е почетокот, Атина и Софија не испуштија можност повторно да не потсетат на нашата заложничка позиција. Така, грчкиот портпарол на Влада, г. Пецас, меѓудругото ќе изјави и дека “Грција ќе изврши притисок со сите средства што ги има за да се задоволат нашите национални интереси и како што имаме кажано, сите поглавја ќе се отвораат и ќе се затвараат само кога ќе бидат задоволени интересите на Грција и ако треба ќе стави и вето, ако биде потребно …”.

Или пак, премиерот на наша соседна Бугарија ќе додаде “Треба да знаат дека не отстапуваме од тоа што сме се договориле-се додека не се најде решение што е задоволително за Бугарија, имаме многу инструменти за да го запреме нивниот пат”. Простете пријатели, ама ова мене не ми звучи пријателски. Има ли крај?

Да немаме дилеми, сите имаат свои интереси. Има и Србија која успешно “плива” во цела оваа ситуација, колку некој и да го исмева Вучиќ. Борисов исто така одлично ја менаџира целата криза. Впрочем и двајцата умешно почнаа сопствено производство за заштитна опрема. Сигурен сум, во блиска иднина и нам ќе ни понудат помош. Сепак, во вакви околности, апсолутно е најдобро да се потпреме на своите капацитети, да пренамениме и стимулираме домашна индустрија за производство на заштитна опрема и храна и да не зависиме од нечија условена солидарност со нас.

Мене ме плаши кратковидоста на нашата надворешна политика. Како некои први државни и/или партиски функционери без трошка колебливост, онака од ракав, се обраќаат кон нашите најблиски сојузници со зборовите “националисти”, “популисти” и сл. Деновиве први помогнаа токму тие, “популистите” од Словенија и Унгарија.

За среќа, тамошните раководства се свесни дека тоа не е став на мнозинството народ во оваа држава. Тие земји, како и уште многу други, години наназад ја обезбедуваат и нашата јужна граница.

Во ек на криза Македонија си дозволи да се приклучи и на санкциите во рамки на ЕУ кон пријателска Турција. Онаа Турција која што ни е партнер во НАТО. Колку и да се минорни тие санкции и насочени кон приватни ентитети, симболиката е битна, особена во надворешната политика.

Турција е втора држава која ја призна Република Македонија далечната 1992 година. Стратешкото партнерство меѓу нашите држави и врските меѓу нашите народи се на највисоко ниво. Што е уште потрагично, нашите респиратори планирани како донација од Кина беа заглавени во Турција. И уште се, доколку не грешам.

Текстот ми е од вчера, но во меѓувреме се појави и веста за донација од Турција за Македонија. Да те изеде туѓ срам. Да не заборавиме, Турција, земјите од Вишеградската група и останати, се клучни во управувањето и со мигрантската криза. Имаме и ние сопствени интереси и затоа не треба да ја сечеме гранката на која стоиме. Напротив, треба умно да ја ткаеме нашата мрежа, вклучително и преку интересите на трети земји. Да не создаваме противници од наши големи сојузници.

Каде плови овој брод? Сигурно не кон брегот на Венецуела, па трчаме да ги подржиме Гуаидо и пријателите во нивната мисија. Но, можевме на пример да побараме стручна лекарска помош од Куба, кога новоименуваната амбасадорка ги предаваше акредитивите минатиот месец, ама ете …

Бесплатен ручек никаде нема, ама принципи и исправен ‘рбет мора да имаме.

Време е за политика “и-и” наместо “или-или”.