Од утре присилна наплата на тие што не платиле солидарен данок. Компаниите револтирани оти законот важи ретроактивно

Вкупно 18 компании кои се обврзани да го платат солидарниот данок досега не го сториле тоа. Една компанија од нив делумно ги уплатила парите. Дополнително, 5 компании побарале данокот да го уплатат на рати.
Вкупниот долг по основ данок на солидарност досега изнесува 638.289.966 денари (10,2 милиона евра), покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.
Но, која е фактичката состојба? Зошто овие компании не го уплаќаат данок и зошто дел од нив бараат да го платат на рати?



Проблемот е во тоа што дел од компаниите во моментов немаат пари за тековните трошоци, во кои спаѓа и уплатата на даноците, бидејќи ги вложиле за други намени, но има и такви кои чекаат на одлуката на Уставниот суд, велат бизнисмени и економисти, пренесува Плусинфо.
– Проблемот е едноставен: овој данок се однесува на работењето на компаниите во 2022 година, а данокот треба да се плати годинава. Поради задоцнетото донесување на Законот за солидарен данок, дел од компаниите веќе ги вложиле парите во инвестиции и други потреби и сега немаат пари за покривање на тековните трошоци, од кои се плаќаат даноците. Но, тоа не значи дека овие компании станале неликвидни или дека не остваруваат приходи. Затоа дел од нив побарале да го платат данокот на рати или успеале делумно да го уплатат. Односно прво да обезбедат средства за таа намена, па потоа да го уплатат данокот – вели бизнисменот Ангел Димитров.
Според него, има и такви компании кои калкулирале со плаќањето на данокот и сега се опоменати поради тоа.

– Секако дека има и такви компании кои сметаат дека иницијативата на на стопанските комори до Уставниот суд за поништување на данокот на солидарност ќе помине брзо. Сега ќе треба да го платат данокот, или да бидат казнети – додава тој.
Извор :
https://plusinfo.mk/od-utre-prisilna-naplata-na-solidarniot-danok-taka-e-koga-zakonite-se-nosat-retroaktivno/