Од утре започнува камапањата на партиите и независните кандидати за локалните избори. СДСМ тргнува од Битола, ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, ДУИ од Гостивар, Алијанса на Албанците/Алтернатива и Беса од Скопје. Кампањата ќе трае 20 дена, до 15 октомври на полноќ. Поради Ковид пандемијата, активностите на учесниците во изборите и претставувањето на програмите во најголем дел ќе се сведат на неформални средби со граѓаните и поголема застапеност на социјалните мрежи.
Во градоначалничката трка ќе учествуваат 301 кандидат од кои 26 се жени. На советничките листи пак од вкупно потврдени 567 листи за советници, мажите се застапени со 55,99% а жените со 44,01%.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Скопје 12, две жени, двајца адвокати, двајца музичари, хирург, бизнисмени. Поднесени се 18 листи за советници на политички партии, коалиции и независни групи. Најголем дел од кандидатите за советници се на возраст од 36 до 45 години.
Во другите градови најмногу кандидати за градоначалници и за советници се поднесени за Струга, Битола, Куманово и Прилеп.
На 17 октомври ќе може да гласаат 1.824.864 граѓани. Во посебните извори на списокот се наоѓаат 82.461 лице кои се на привремена работа, или престој во странство, 1.899 лица кои се на издржување затвор или се во притвор, 351 гласач во вонсемејно сместување и 6 раселени лица.
За прв пат овие избори ќе се спроведат со употреба на терминали за читање отпечатоци од прсти.





