Барањата на Комисијата за заштита од заразни болести беа прифатени на владина седница.
Владата го укинува ограничувањето на движењето на граѓаните и почнувајќи од полноќ, повеќе нема да има полициски час. Укината е и забраната за 100 гости на свадби и дозволени се концерти и забави. Одлуката е донесена по препораката на Комисијата за заштита од заразни болести, која порача дека епидемиолошката состојба во земјата се стабилизира со намалување на бројот на позитивни случаи на корона вирусот, но и со зголемувањето на бројот на вакцинирани.
Ев ги одлуките:
– Почнувајќи од 16 јуни 2021 година (среда), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Македонија.
– Исто така од утре, 16 јуни, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.
– Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители.
– Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.
– Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.





