Единствено конкретно и извесно по денешната средба во грчки Сунио на министерите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со медијаторот Метју Нимиц е потврдата на средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на самитот „Европска унија – Западен Балкан“ на 17 мај во Софија.
„Денешната средба можам да ја оценам како сериозна, напати и тензична, но завршивме многу позитивна работа. Двајцата министри сега ќе ги брифираат премиерите во своите земји, кои треба да се сретнат во Софија на 17 мај“, рече Нимиц по шестчасовниот состанок со шефовите на дипломатиите на двата соседа, кои не дадоа изјава за медиумите.





