Веќе од следната учебна година во руските училишта ќе се воведе курс за основна воена обука (НВП), соопшти министерот за образование Сергеј Кравцов.
„Сега (овој курс) се подготвува, пред 1 јануари (2023) ќе го финализираме, потоа ќе се тестира, а училиштата ќе можат да го користат од следната година“, објасни министерот.
Наставата по НВП ќе биде надвор од редовната, прецизираше прес-службата на Министерството за образование.
Завчера беше објавено дека училишниот курс за НВП ќе биде вклучен во два нови модула по предметот „Основи на безбедноста на животот“ за повисоките класови.
Во рамките на курсот е предвидено учениците да стекнат знаења за воената подготовка, за опремата за лична заштита, ќе научат како да даваат прва помош, ќе се запознаат со правилата за ракување со оружје, со основите на пукањето и со структурата на рачните бомби.
Средношколците ќе се запознаат и со теоријата за водење современа комбинирана војна, со составот и со вооружувањето на стрелечкото одделение на борбено возило на пешадија и со војничката инженерска опрема.





