Од што се плаши Талат, не дава Мицкоски да држи говор за уставот во Собранието

Спикерот на Собранието, Талат Џафери, го одби барањето на ВМРО-ДПМНЕ да му дозволи на лидерот на опизицијата, Христијан Мицкоски, да земе збор во Собрание на расправата за отворање на Уставот.



Предходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, го прочита барањето адресирано до Собранието на денешната седница, но спикерот Џафери рече дека не постои таква можност во Деловникот која би му овозможила да го покани Мицкоски.

Џафери објаснува дека писмото не е адресирано до него како претседател на Собранието.

-Ако имате барање или некакво писмо до Џафери доставете му го на адреса во село Форино каде што тој живее. Ова што вие го зборувате нема врска со Деловникот. Прво и основно ВМРО-ДПМНЕ не е орган или организација, туку политичка партија, а Мицкоски е претседател на партијата, а не пратеник. Нема услов да го поканам Мицкоски, а освен тоа за покана јас барање не сум добил од никого – рече Џафери.

Тој го цитираше Деловникот на Собранието каде стои дека на седница во Собранието може да присуствува и во работата да учествува претседателот на државата, премиерот, министри и овластен претставник на предлог законот. Претседателот на Собранието, пак, може да покани на седница претставници на други организации кога се разгледуваат прашања од нивен интерес.

Како основа на обраќањето опозицијата го наведе членот 71 став 2.