Кога сите очекуваа да постигне гол од најлесната можна позиција, само да ја турне топката во празната мрежа, тој почна да цупка во место и да се премислува. Се уплаши од историската шанса да го фрли на колена лутиот ривал и да биде еден од најзаслужните за неговиот прв пораз во последниве 20 години. Пред вџашените погледи на своите навивачи, Африм Гаши тргна во спротивен правец, кон сопствениот гол! Фати да дрибла сè живо и диво, влезе во својот шеснаесетник и се намести за ретко виден – автогол?!
Што ли го натера лидерот на Алтернатива да ги фрли во вода повеќегодишните тренинзи за фрлање на ДУИ на буништето на историјата? Стравот од успех, посебно кога тој е на дофатот на раката, не е непозната ситуација за спортистите, ама за Гаши тоа не би требало да претставува проблем, од проста причина што тој е – политичар. Заедно со соиграчот Зијадин Села беа солиден тандем, а со засилувањето Билал Касами конечно стекнаа и предност на теренот, но Африм, по сè изгледа, решил да ја упропасти.
Од само нему познати причини, надежта за подобро утре на своите опозициски настроени сограѓани и сонародници одеднаш заигра против нив. Ги изневери нивните очекувања со самото седнување на преговорачка маса за влез во Владата што до неодамна ја плукаше. Наместо елегантно да ги „реши“ Али Ахмети и Зоран Заев, тој би да им се придружи?!
До вчера ДУИ за него беше канцер на македонското општество, а заедно со СДСМ симбол на корупцијата и главна причина за масовното иселување на Албанците, за сега токму тој да им го продолжи векот?! И тоа за трошките од трпезата во вид на некое министерско, заменичко, директорско место.
Вреди ли за по некоја коска за глодање да му се продаде душата на ѓаволот е вечната дилема на сите што дошле до тенката линија што ги раздвојува полковниците од покојниците. Гаши не е до толку неопитен за да не ја насети сосем извесната судбина на неговата партија по фаќањето на оро со божемните „интегративци“ и со уште полажните „прогресивци“. Во нивната прегратка Алтернатива може само да испушти душа, оти кој Албанец во државава на кој му е преку глава од ДУИ повторно би гласал за некој што не ја почитува неговата изборна волја и, наместо да им пресуди, им седнува во скутот на Али и на Зоќе?
Приказните дека „реформскиот и европскиот курс мора да продолжат“ и оти „во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните“ држат колку и трагикомичната зелена агенда на ДУИ. Или неформалната политичка иницијатива „Европа 21“ на одметнатиот пратеник на Беса, Кастриот Реџепи, кој од потписник на четири списоци за интерпелација на Владата преку ноќ се пишмани, „загрижен“ за евроинтеграцијата.
Е, море Африме. „Не е среќа пари полна вреќа“. Има и нешто што се вика принцип, образ, беса.
Гаши можеше да го постигне долго очекуваниот и посакуван погодок, да биде Барди или Адеми, да го слават како дел од победничкиот тим. Ама тој избра да го смени дресот и да тргне по стапките на – Мендух Тачи. Кон политичка маргинализација. Без алтернатива.





