Им тргна на „кумовите“ од власта во Македонија со менувањето имиња. Откако ја преименуваа државата во „Северна“, наспроти јасно изразената волја на народот со масовно бојкотираниот референдум за името, сега од Либералнодемократската партија би да им наметнат на Македонците поинаку да ги викаат местата во Украина и државите Белорусија и Летонија. Со транслитерација на македонски јазик, Киев би бил Киив, Запорожје – Запорижија, Луганск – Луханск, Мариупол – Мариупиљ, Днепар – Днипро, додека Белорусија би станала Беларус, а Летонија – Латвија. Со тоа би се избегнала „руската експанзионистичка и империјалистичка политика“ преку јазикот, бидејќи кај нас набројаните топоними биле преземени од руски?!



Оф мори мила мајко, какви будалштини! Ако целта на ЛДП не е само обично додворување на Западот и на сојузниците од НАТО среде жестоката конфронтација со Русија поради Украина, тогаш предлогот до Владата ѝ е, во најмала рака, излишен. Зошто, како некој народ, во случајов македонскиот, ќе ги нарекува другите држави и географски поими не одредуваат политичарите, туку јазичарите. Ако беше обратно, тогаш зошто не ја именуваме Турција како Туркије (Türkiye), како што од неодамна официјална Анкара бара од светот да ѝ се обраќа?

Бегајќи од некакво руско влијание, ќе ја завикаме ли Естонија – Еести, како што Естонците си ја викаат државата? Ќе викаме ли Суоми за Финска, Норје за Норвешка, Словакија за Словачка, Остерајх за Австрија, Еспања за Шпанија или Шиприја за Албанија, а Хелас за Грција?

Конечно, што правиме со топонимите во егејскиот дел на Македонија? И за нив ли ќе ги користиме имињата што Грците им ги натурија, па за Солун ќе викаме Тесалоники (како што прифатија несреќиве со Преспанскиот договор), за Воден – Едеса, за Лерин – Флорина, за Костур – Касторија, за Кајлари – Птолемаида итн., а „стручњаци“ од елдепето?

Ваков каков што е, предлогот од приврзокот во владината коалиција е само обична коска за глодање на јавноста, занимација за граѓанството додека се тркала нешто зад брегот, разбигрижа за бадијалџии умислени дека имаат познавања буквално од сите области – од нуклеарна физика, преку геостратегија до садење мушмули, а камоли за таму некои си утврдени јазични правила.

Море, нека се фатат за работа како дел од Владата, па нека ги решаваат реалните проблеми на граѓаните, како што се ценовното стампедо, неизвесноста околу снабдувањето со енергија, непотизмот и партизирањето на администрацијата, стрмоглавувањето во здравството, образованието… На тие што (не) ги гласаат во моментов на крајот на умот не им е дали, на пример, ќе ја викаат украинската фудбалска легенда Шевченко Андреј или Андриј, туку како да го преживеат денот.