Цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари поскапуваат од петок, кога стапуваат во сила измените на Законот за акцизите. Собранието ги усвои овие измени минатата недела на 3 октомври.



Цигарите ќе поскапат за 5 денари по кутија, а Владата, според образложението на законските измени, очекува да има зголемување на приходите во буџетот за околу 13 милиони евра годишно.

За пурите акцизата ќе изнесува 21,73 денари по парче и 9% од малопродажната цена, додека за цигарилосите 10 денари по парче и 9% од малопродажната цена.

Увозниците на цигари и пури се жалат дека со овие промени се дестимулирало работењето, и се стимулира шверцот, и тврдат дека владите никогаш со нив не се консултираат пред да носат вакви одлуки.

Од друга страна, акцизата за цигари во Македонија е меѓу најниските во Европа, а цената на цигарите и пурите е далеку пониска отколку во европските земји и регионот.