Лути пазарџии, нервозни купувачи. Само пет дена замрзнати цени на овошјето и зеленчукот. Во пресрет на утрешните корекции на цените, продавачите бесни, зашто Владата си играла топло – ладно со нив. Велат било крајно несриозно еднаш да носи мерки, а потоа да ги поништува, но и да се меша во нивниот есап.

Сиот ќар паѓа во рацете на увозниците на овошје и зеленчук кои изминатиот период прикажувале лажни фактури за да имаат огромна заработка, обвини власта. Дел од пазарџиите денеска не беа расположени за коментар. Министерот за економија Крешник Бектеши веќе најави оти утре на седница на Владата ќе бидат одмрзнати дел од цените на овошјето и зеленчукот.

И покрај замрзнувањето и ограничувањето на цените, на терен се уште може да се најдат производи со високи цени. Домашните производители велат дека немаат никаква поддршка од државата, па затоа од ден во ден домашното производство се повеќе тоне.

Фирмите кои чувале залихи на овошје и зеленчук и продавале поскапо ќе платат казна, велат од инспекцијата, која проверува дали и зошто продавачите не ги усогласиле цените. Инспекторите влегоа и во Кванташки пазар во Маџари, од каде добар дел од тезгаџиите ја набавуваат робата. Освен во Скопје, инспекции се вршат и кај увозниците на големо во другите градови низ земјава.
Купувачите збунети, иако очекуваа пристојни цени во пресрет на велигденските и првомајските празници, сепак ќе бидат приморани да купуваат поскапа храна. Со Владината одлука од 5 април се стави мраз на цената за свежите домати, краставици, кромид, карфиол, зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм домати може да се продава најмногу за 70 денари, краставиците до 75, кромидот до 60 денари. Сите овие од утре, ќе добијат нова, повисока цена.






