„Најновиот повик на Макрон, Еврoпа да разгледа форми на интеграција различни од членство како ‘Европа во повеќе брзини’ не е ништо ново ниту од Макрон ниту во Унијата“, вели Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ за „Дојче веле“.
Како што вели Ристевска Јорданова, Макрон истата идеја ја промовираше уште во 2018 година, и тоа во контекст на неговиот концепт на стратешка автономија на Унијата.
“И во оваа прилика контекстот е сличен – Макрон во истиот говор опоменува поради намалувањето на влијанието на Европа во светот. Логиката е дека ако ЕУ сака да биде повлијателна во светот, мора да биде поефикасна, а тоа не е случај ни сега, а се оценува дека уште помалку би било случај со нови членки“, вели Ристевска.
Таа потсетува дека идеите за различни форми на интеграција станувале актуелни при секоја нова реформа на Унијата: „варијабилна геометрија“, „концентрични кругови“, „Европа на клубови“ или „Европа со повеќе брзини“ се веќе промовирани модели за диференцирана интеграција во Европската унија, а веќе подолго време се води дискусија и за моделот за „фазна интеграција“.
„Дека нема да има проширување без реформа на ЕУ веќе потврдија сите релевантни претставници на ЕУ. И тоа го повторуваат конзистентно подолго време.
Од друга страна, реформата досега требаше да започне, по завршената Конвенција за иднината на Европа минатата година, но тоа не се случува.
Јасно е – вели Ристевска Јорданова – дека европското предизборие не е најсоодветното време за дискусија за реформите. Макрон сепак најавува повеќе детали за идејата за ‘Европа во повеќе брзини’ пред изборите во ЕУ идниот јуни, што значи дека е можно ова прашање да биде дел од темите на кампањата.
„При ваков изборен контекст и ваква дискусија во ЕУ, аргументот на македонската влада – брза промена на Уставот на ЕУ за брзо членство во ЕУ – е во најмала рака, несоодветен и неумесен“, вели Ристевска.







