Две прашања поставува новинарот Бранко Героски во врска со изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи кој побара да се преиспита учество на Македонија во иницијативата Отворен Балкан, ако се докаже дека Србија била вклучена во настаните на северот на Косово на 24 септември.



„Настрана дилемите околу тоа кој и како ќе го преземе товарот на докажување на „државната вклученост“ на Србија во настаните кои Османи ги нарекува „напад врз Косово’, пишува Героски во колумна за „Плусинфо“.

Клучно е прашањето дали во случај да се потврди „дијагнозата“ на д-р Османи за 24 септември, затворањето на Отворен Балкан навистина ќе биде вистинска „терапија“ за кризата во Косово.

Прво, со што се аргументира тврдењето дека еден затворен Балкан, во кој државите се политички изолирани во сопствените граници и непријателски настроени едни кон други, е подобра опција за мирот во регионот, од несовршената и за многумина проблематична иницијатива Отворен Балкан?

И второ, дали ѝ личи на земјата претседавач на ОБСЕ – со што најмногу се гордее токму Бујар Османи – да биде таа што ќе минира иницијатива во која самата влезе ентузијастички, предводена од владата во која Османи е шеф на дипломатијата?

Конечно, треба да се разбере дека најважниот дел од обврските на македонската влада и на нејзиниот министер за надворешни работи на надворешно-политички план е да се грижат првенствено за македонските национални интереси. А потоа и за светскиот мир, кој пак најмалку зависи од малите земји како Македонија и од големите амбиции на малите ликови кои глумат фаворити во бјути-контестот за мистер на дипломатскиот универзум.

Оваа земја е упатена на соработка со своите соседи и на поддршка на сите иницијативи за отворање на регионот, особено во време кога и самата, обременета со билатерални спорови, стравува од можна ескалација на непријателствата меѓу Србија и Косово и од нивно прелевање на македонска територија, како во 2001 година, вели Героски.

Како и да е, она што со сигурност може да го каже и да го докаже Бујар Османи е дека нема никакви докази за вмешаност на Македонија во настаните од 24. септември во Косово. Тоа ѝ дава кредибилитет на владата во Скопје да помогне во обидите за деескалација на конфликтите и за обновување на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина.

Воинствената изјава на Бујар Османи, за жал, не оди во таа насока. Ја разбирам како емотивна изјава на член на раководството на една албанска политичка партија…