Фондот за осигурување депозити конечно вчера во попладневните часови го доби од стечајниот управник Душко Тодевски списокот со штедачи од Еуростандард банка кои треба да бидат обесштетени, јавува Фактор.



Веќе од денеска ќе се прави распоред на штедачите по четирите банки кои се одредени за преку нив да оди обесштетувањето.

„Денеска ќе работиме интензивно, а доколку не успееме да завршиме, ќе работиме и за време на викендот, се со цел списоците дефинитивно да бидат распоредени до понеделник по соодветните банки“, вели за Фактор Борче Хаџиев, директор на Фондот за осигурување на депозити.

Потоа, на банките ќе им бидат потребни четири дена за процесуирање на списоците во нивните системи.

„Тоа значи дека обесштетувањето ќе почне веќе во петок идната недела“, објаснува Хаџиев, нагласувајќи дека овде не станува збор за задоцнување, бидејќи Фондот веднаш штом го доби списокот, во најбрз можен рок пристапува кон старт на обесштетување на штедачите.

Фактор дознава дека нема да бидат обесштетени депозитиѕе на членови на Управниот и Надзорниот одбор, како и на нивни блиски роднини од прв степен;

Воопшто нема да се обесштетат оние депозити кои биле поврзани со перење пари, за случаи за кои тоа е докажано со документи од Управата за финансиско разузнавање;

Нема да се обесштетуваат депозити кои се чувале со привилегирани каматни стапки, односно повисоки камати од оние кои се официјални на банката и кои таа ги има објавено на својата веб страница и важат за сите клиенти.