Од „ЕСМ“ кажаа дека навреме ќе ја завршат топловодната мрежа за грејната сезона, рече Арсовска – На мостот „Беласица“ нема градежни активности

Поставувањето на топловодната мрежа кај мостот „Беласица“ е надлежност на ЕСМ, како и санацијата од горењето на изолацијата од претходната топловодна мрежа што била таму поставена. Од ЕСМ ме информираа дека навреме ќе ги завршат своите обврски за да се почне навреме со грејната сезона, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во одговор на новинарско прашање во врска со мостот „Беласица“, дали ќе има парно и до каде се договорите со ЕСМ. Паралено, на два дена пред почетокот на официјалната грејна сезона во Скопје, нема абер од поставувањето на топловодната мрежа под опожарениот мост „Беласица“. Додека скопјани се загрижени дали ќе добијат топли радијатори, на самото место нема никакви активности.



Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека Град Скопје нема никакви договори со ЕСМ и повтори дека тоа е нивна надлежност.

Поставувањето на топловодната мрежа кај мостот „Беласица“ е надлежност на ЕСМ, како и санацијата од горењето на изолацијата од претходната топловодна мрежа што била таму поставена. Од ЕСМ ме информираа дека навреме ќе ги завршат своите обврски за да се почне навреме со грејната сезона – истакна Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа додаде дека за да се постават топловодните цевки, потребна е само мала козметичка корекција.

Предуслов да може да се постават тие топловодни цевки е местото каде што треба да се постават да биде санирано. Невозможно е да има безбедно поставување доколку тоа што било поставено не е санирано. Тоа е, повторувам уште еднаш, само козметичка корекција којашто мора да се направи, не влијае ниту на безбедноста, ниту на сигурноста на инсталацијата којашто ја имаме таму, ниту на самиот мост – изјави Арсовска.

Таа очекува од ЕСМ навремено започнување на санацијата и завршување на нивните обврски на мостот „Беласица“.

Вештачењето го имаме и очекуваме, како што ме информираа од ЕСМ, дека истото започнува и дека тие навремено ќе ги завршат своите обврски што се однесува и до санацијата и до поставувањето на топловодната мрежа за да се почне навреме со грејната сезона имајќи ги предвид температурите коишто ги имаме надвор – посочи Арсовска.

На почетокот од овој месец од АД ЕСМ посочија дека почнуваат со подготвителни активности за санација на цевководот на мостот „Беласица“ во Скопје и уверија дека цевководот ќе биде целосно функционален и ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Град Скопје. Согласно законската обврска на 15 октомври, како што велат од компанијата, радијаторите ќе бидат топли, а граѓаните да бидат спокојни, зашто како што информираат, парно ќе има.