Од една страна нов Закон, од другата лиценци за казина на 300 метри од училиштата

Додека здруженијата на приредувачите на игрите на среќа и на спортските обложувалници, општини и поединци инсистираат да се води јавна и стручна расправа за предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, за да се добие издржано решение на проблемот, институциите не отстапуваат од одлуката измените да се донесат во кратка постапка и под закрила на европското знаменце. Владата го прифати текстот на измените на Законот и го достави до Собранието каде што расправата треба да се води во Комисијата за европски прашања – пишува Плусинфо.



Токму европското знаменце на овие законски измени и заобиколувањето на јавната расправа кај засегнатите, граѓаните и познавачите на состојбите, предизвикува сомневање дека власта сака да скрие нешто што не се крие од јавноста, а тоа е отворањето уште една врата за корумпирање на инволвираните функционери во целиот процес.

Актуелни и поранешни пратеници, министер за финансии и општини велат дека не треба да се брза да се донесат измените на законот бидејќи само преку јавна расправа, нови предлози и идеи, може да се подобри текстот и да се донесат многу поквалитетни решенија кое нема да трпат чести измени.

Потребна е јавна расправа за да не се смета за коруптивен закон

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека проблемот е многу поголем од барањето казината и обложувалниците да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од училишта и институции, а Владата преку прифаќање на едно граѓанско барање сака да скрие поголем проблем.

– Проблемот е многу посуштински и поболен за општеството. Се работи за голем извор на пари, а практиката покажа и непобитен е фактот дека каде што има пари мотивите се коруптивни и криминални. Таму се работи за влијание на одделни групи кои располагаат со многу пари и не случајно се споменуваат функционери како главни учесници во процесот. Затоа е потребно донесување на закон кој ќе спречи натамошно продлабочување на проблемот, ќе создаде построга контрола при издавање лиценци, утврдување локации и намалување на корупцијата и секако ќе биде во интерес на граѓаните – вели Хајредини.

За него е неразбирливо како во моменти кога се носат измени на овој закон институциите не запираат да издаваат нови лиценци на казина без да го применат она што го предлагаат.

– Еве ви најсвеж пример. Неодамна е дадена лиценца на казино во Тетово кое е во радиус од 300 метри до 4 училишта лоцирани во центарот на градот. Нашата реакција кај министерот заврши со одговор дека нема да се даде лиценца додека не се донесат измени на законот, но лиценцата е потпишана токму од министерот – додава Хајредини.

Нема основ за европско знаменце

Сличен став во врска со измените на законот за игри на среќа има и актуелниот член на собраниската Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој смета дека законот не треба да се носи под закрила на европското знаменце за да се спречи некој да профитира од тоа.

– Во врска со предлог Законот за игри на среќа се насетуваат бизнис интересите на влијателни владини функционери, бидејќи истиот се предлага да се разгледува со европско знаменце, иако во ЕУ нема усогласена европска регулатива за оваа област. Односно, Ирска си има свои правила и закони за игрите на среќа, Италија си има свои, Австрија си има посебна регулатива, Полска има поинакви закони и така натаму. Поради ова нема основ за ЕУ знаменце на закон за игри на среќа и затоа писмото на амбасадорот на Австрија изгледа како една членка на ЕУ да им удрила шлаканица на владините функционери од „квази-европскиот“ фронт – вели Милошоски, член на Комисијата за европски прашања.

Целата анализа на следниот линк:

https://plusinfo.mk/ruski-rulet-so-zakonot-za-igri-na-sre-a-bozhem-nosat-nov-zakon-a-pod-masa-davaat-licenci-za-kazina-na-300-metri-od-shkoli/