По повод 119-годишнината од смртта на македонскиот великан и револуционер, претседателот на Македонија Стево Пендаровски положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас”.



Тој е единствениот претставник на државниот врв кој положи цвеќе.

Премиерот Димитар Ковачевски за делото на Делчев се огласи преку фејсбук, а во отсуство на премиерот Ковачевски, во име на Владата цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија министрите Јованка Тренчевска и Благој Бочварски, како и заменик министерот Беким Реџепи.

„Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба, е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност“, соопшти Владата.

Во име на Собранието на Македонија цвеќе положи потпретседателот Горан Мисовски.

Делегацијата на СДСМ која положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев беше предводена од Вангел Андрески, организационен секретар на СДСМ, Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ и Викторија Мадиќ, претседателка на надзорен одбор на СДСМ.

Делегацијаta на ВМРО-ДПМНЕ беше составена од потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, како и од членот на ИК Ели Панова, додека лидерот на партијатѕа е во Карбинци.

Делегацијата на Град Скопје ја предводеше градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Цвеќе на гробот на македонскиот великан положија и делегација на Сојузот на борците, како и бројни општински и партиски делегации, организации и здруженија, како и граѓани.

Инаку, денеска во Скопје продолжи со работа научната конференција за ликот и делото на Гоце Делчев.

Во Софија пак, не случајно токму на годишнината од смртта на Делчев, се одржува конференција на тема „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија” на која присутни се претседателот на Бугарија Румен Радев, потпретседелката на државата Илијана Јотова, копретседателот на заедничката Комисија за историски прашања Ангел Димитров, како и други членови на Комисијата, но и други актуелни и поранешни политичари.МКД.Мк