Д-р Душко Фидановски, шеф на новата педијатриска болница, „Аџибадем Систина“ вели дека идејата за создавање на една ваква институција беше една од целите кои беа поставени уште кога започна болницата пред нешто повеќе од 10 години.
„Сите изминати години работевме на тоа освен оддел за новородени да се создадат услови за пружање здравствени услуги од другите субспецијалности на педијатријата. Со големо разбирање и поддршка од управата на болницата во секој поглед, благодарение на создадените просторни, кадровски и технички услови и на професионалното работење на педијатрите, како на оние кои веќе работеа на одделот, така и на тие кои подоцна ни се придружија во тимот, успеавме да ја стекнаме довербата кај пациентите во нашата земја, но и во регионот.
Болницата го заокружува третманот на детските болести и отсега тука буквално на едно место ќе може да се добие комплетен третман, од дијагноза до терапија. Во новиот модерно уреден простор од 4.000 м2, опремен со најсовремена технологија, за здравјето на најмалите пациенти се грижи еминентен тим од докажани педијатари субспецијалисти.
За спроведување на сите здравствени услуги на највисоко стручно и професионално ниво се грижи искусен мултидисциплинарен тим на лекари составен од 36 доктори од различни субспецијалности на педијатријата, детски хирург, детски кардиохирург, детски анестезиолози, детски ортопед, логопед, дефектолог, оториноларинголог, радиолог, 50 педијатриски сестри, 30 болничари и друг немедицински персонал“ вели Д-р Фидановски во интервју за Плусинфо.





