Од денеска се обновува сезонската авиолинија Белград-Охрид со Air Serbia. Како што информираат од ТАВ Македонија првиот авион се очекува да слета околу 14:35 часот, по што ќе се одржи церемонија за добредојде со воден мост, пречек на патниците и сечење лента, јави Охридњуз
Охрид ќе биде воздушно поврзан со Белград четири пати во неделата, односно секој понеделник, среда, петок и сабота.
ТАВ како аеродромски оператор секогаш топло ги пречекува одлуките на авиокомпаниите за нови или обновени авиолинии и летови. Среќни сме што Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид повторно ќе ја додаде оваа авиолинија во својата мрежа и ќе го опслужува летот Белград-Охрид-Белград, на кој ќе лета Ер Србија, откако беше стопиран во 2017-та година. Оваа авио-конекција ќе значи дека туристи од Србија ќе можат да патуваат до Охрид со авион и да ја посетат околината и регионот на Охридското Езеро на побрз и поудобен начин. Понатаму, оваа линија дополнително ќе отвори нови дестинации за нашите граѓани и за луѓето во гравитациската зона на охридскиот регион бидејќи Ер Србија лета до преку 70 дестинации во Европа, Медитеранот, Северна Америка, Азија и Африка, што претставува уште една предност и погодност за нашите патници, информираа претходно од ТАВ Македонија.
Враќањето на Охрид во мрежата на летови на авиокомпанијата како што потенцираа од Ер Србија е одлично дополнување и тие се уверени дека патниците се радуваат за оваа услуга од Охрид и се воодушевени што овој фасцинантен град ќе биде попристапен.






