Владимир Кисов, еден од првите преговарачи на Бугарија за членство во европската унија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, смета дека на Македонија требало да ѝ се покаже жолт, а не црвен картон.



„Некои велат дека водиме преговори. Кој водел преговори знае дека треба да имаш мандат за тоа, а не да имаш само црвени линии, зошто какви преговори можеме да водиме ние тогаш? Освен тој што ги води преговорите да постигне повеќе отколку тоа што е изгласано како декларација од Народното собрание, кое е теоретски можно. Ние поставивме многу тешки услови во моментов за старт на преговорите. Не требаше толку да ја заоструваме ситуацијата, требаше да покажаме жолт картон, а не црвен, зошто црвениот картон секогаш можеме да го покажеме за тие да не станат членки на ЕУ, во секоја преговарачка глава и по завршувањето на преговорите, ако се продолжи со такво однесување. Единствена корист од тоа имаат трите држави – Грција, Србија и Русија. Тие се тие што профитираат, а ние, освен што ја губиме можноста за политичка добивка, губиме и за економска“, оцени Кисов во интервју за бугарската телевизија Нова.