Грција се приклучува на проектот за изградба на брза железница од Будимпешта до југот на Европа. Тоа е историска победа за Западен Балкан, бидејќи европскиот коридор 10 повторно ќе стане еден од најважните европски коридори, изјави денеска министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ. Тој посочи дека вчерашниот договор меѓу Вучиќ и Мицотакис Грција да се приклучи кон проектот за изградба на брза пруга од Будимпешта до југот на Европа е многу важен, бидејќи ќе ги промени животите на луѓето во Србија и другите земји, овозможувајќи полесно превоз на луѓе, но пред се побрз транспорт на стоки и брзо поврзување на Србија со пристаништата Пиреја и Солун.

Весиќ претходните денови го угости својот грчки колега, министерот Христос Стајкурас, со кој на „сокол“ отпатува за Нови Сад и му ги покажа 76-те километри брза пруга која веќе е во функција и како напредува работата на уште 108 километри пруга до Суботица. Тој потсети дека веќе во март идната година од Белград до Суботица со брз воз ќе бидат потребни час и 10 минути, а од 2027 година до Будимпешта за помалку од четири часа. Весиќ изјави дека во мај ќе биде распишан тендер како дел од проектот за изградба на брза железница Белград-Ниш, за втората и третата делница, а до крајот на годината за првата. Проектот за изградба на таа брза пруга долга 230 километри е вреден 2,7 милијарди евра, од кои 610 милиони евра се грант од Европската Унија.
„Потпишавме договор со Северна Македонија заеднички да се појавиме пред ЕУ, да обезбедиме пари за продолжување на брзата пруга до Скопје. Веќе ја градиме пругата од Ниш до Брестовац, а потоа има уште 135 километри до Прешево и 50 километри од границата до Скопје, како што би имале пруга Скопје – Ниш – Белград – Суботица – Будимпешта. А од вчера во овој проект е вклучена и Грција“, рече Весиќ.

Тој изјави дека во Грција веќе има пруга со брзина од 150 километри на час, која сега ќе ја модернизираат, од Атина до Солун, а ќе се гради и пруга од Солун до Идомени, на границата со Северна Македонија, во должина од околу 70 километри.
„Заедно ќе работиме на поврзување на Солун и Скопје. Потоа ќе имаме брза пруга од Будимпешта до Атина во должина од 1.512 километри“, нагласи министерот Весиќ.
Тоа, додаде тој, значи дека за 13 часа брз воз ќе патува од Унгарија, преку Србија и Северна Македонија, до Грција.
„Луѓето ќе можат побрзо да патуваат, а ние ќе бидеме поврзани со пристаништата Пиреја и Солун, што е најважно за развојот на економијата. Претседателот посочи дека Србија е подготвена да соработува со Грција во закупот на пристаништа во Пиреја и Солун, бидејќи е важно да имаме пристанишни капацитети и за тоа ќе се разговара, но железницата е предуслов за тоа“, рече Весиќ.
Тој додаде дека со брз воз од Белград до Солун ќе може да се патува за околу шест часа, без застанување на границите, со сета удобност на возовите, што во голема мера ќе го подобри квалитетот на животот на луѓето. Кога станува збор за интегрираната наплата на патарините со Грција, Весиќ рече дека целта е таа да стапи на сила до лето. Тој изјави дека следната недела претставниците на „Патишта Србија“ ќе одат во Грција да разговараат со тамошните компании кои ги одржуваат патиштата, за да се интензивира соработката.




