Од 15 мај по автопат и низ Грделичка клисура до Македонија

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека автопатот низ Грделичка клисура на коридорот 10 до Македонија ќе биде отворен за шест дена.



„Мислам дека договоривме за 15 мај отворање на автопатот. Значи, останаа уште шест дена, па луѓето ќе можат да се возат по автопат до границата со Северна Македонија“, рече Вучиќ на средбата со новинарите за време на самитот „Брдо-Бриони“ во Тирана.

Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ вчера на ТВ Пинк изјави дека на коридорот 10 се чекало 30 години.

„Станува збор за најтешкото градилиште во Европа, на делницата од 26,3 километри имаме 33 моста, меѓу нив и највисокиот мост ‘Врла’, како и двата најдолги тунела ‘Предејане’ и ‘Манојле’. Голема работа е одработена, го изместивме магистралниот пат, отстранивме 600.000 кубици камен, зад нас се многу тешки зафати и огромна работа и горда сум на сите работници што учествуваа во изградбата на коридорот 10. Повеќе нема да има симнување од автопатот на магистралниот пат, што ќе влијае на безбедноста во сообраќајот, што ни е на прво место“, изјави таа.