Премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска соопштија дека од 1 јули стартува повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) за сметки до 30.000 денари.
Беше претставена мобилната апликација преку која граѓаните ќе можат да повратат 15 отсто од ДДВ на платените фискални сметки.
За една сметка од илјада денари ДДВ изнесува 18% односно 180 денари. Од тие пари граѓаните ќе добијат назад 15% или околу 27 денари, пишува Канал 5.
Апликацијата ќе може да ја симнат сите граѓани над 15 години, а услов е да се биде регистриран во системот на УЈП е-пероснален данок.
Пресметките покажуваат дека за три месеци, едно лице може да добие назад најмногу до 1.800 денари.
Исплатата ќе се врши на секои 3 месеци, а првите пари на сметките на граѓаните ќе легнат во декември.
Најмногу 7.200 денари годишно може да добие секој граѓанин од поврат на 15% од ДДВ. За да ги добие овие пари, секој ќе треба да потроши најмалку 22.220 денари месечно за стоки и услуги за кои ќе добие фискални сметки, пишува Алфа.





