Пропадна јавниот оглас за доделување на линии за приватните автобуси 20-ка и 22-ка, зашто ниту еден од приватниците не се пријавил. Од „Слобода превоз“ за Алфа велат дека Град Скопје свесно оди контра приватните превозници, а сиот товар паѓа врз грбот на патниците кои и долго време чекаат автобус. Велат дека нема шанси Градот да најде превозници за толку краток рок. Од Град Скопје кој го објави јавниот оглас нема никаква информација. Како што е наведено во огласот, за „покривање“ на овие линии, потребни се, за 20-ка, десет автобуси и 23 возачи, а за 22-ка, десет автобуси и 21 возач.

Што се однесува до средбата со премиерот која превозниците со душа ја чекаат, таа како да се изгуби во маглата што го покри Скопје, велат возачите. Состојбата станува се потешка откако Градот им ги раскина договорите за работа.
И додека приватниците ја чекаат средбата со премиерот, граѓаните се приморани и до еден час да чекаат автобус, односно ретки се 23-ка, 22-ка, а 20-ка речиси и да ја нема, зашто Скопје има голем недостиг на автобуси. Ваква е состојбата на постојките каде граѓаните чекаат автобус.
Инаку, приватните превозници во Скопје во ноември престанаа со работа со обвинување дека Град Скопје и ЈСП им должат околу 1,5 милиони евра. Наместо преговори за да се најде решение, Градот им ги раскина договорите за работа.





